Book of Common Prayer
Павле зборува пред толпата
37 Пред да влезат во воената тврдина, Павле му рече на полковникот: „Ако ми дозволите, јас би сакал да ви кажам нешто.“
„Зар ти знаеш грчки?“ - му одговори полковникот изненадено. 38 „Значи ти не си оној Египќанец што пред извесно време крена бунт и поведе во пустината четири илјади убијци!“
39 Павле му одговори: „Јас сум Евреин од познатиот град Тарс во покраината Киликија. Сакам да ве замолам да ми дозволите да им се обратам на луѓето.“ 40 Полковникот му дозволи и Павле застана на скалите. Им мавна со раката да молкнат. Кога настана длабока тишина, тој им се обрати на нивниот, арамејски јазик:
22 „Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“ 2 Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи: 3 „Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес. 4 Ги прогонував христијаните[a] до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени. 5 Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети.
Павле раскажува за своето обраќање
6 Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото. 7 Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘
8 ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас.
,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘
9 И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле.
10 Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘
,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ. 11 Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам.
12 Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија[b]. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај. 13 Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија.
14 Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста. 15 Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал. 16 Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘
Слепиот Бартимеј од Јерихо
(Мт. 20:29-34; Лк. 18:35-43) 46 Исус и Неговите ученици пристигнаа во градот Јерихо. На излегување од градот многуброен народ одеше по нив. Покрај патот седеше еден питач, по име Бартимеј - син на Тимеј. 47 Кога слушна дека овде минува Исус Назареќанецот, тој почна да вика: „Исусе, Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 48 Мнозина се обидуваа да го замолкнат, но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, покажи милост спрема мене!“ 49 Исус застана и рече: „Викнете го овде!“ Луѓето го повикаа слепиот и му говореа: „Не плаши се, дојди, Тој те вика!“ 50 Човекот го фрли своето палто, рипна и потрча кон Исус. 51 „Што сакаш да сторам за тебе?“ - го праша Исус. Слепиот одговори: „Учителе, сакам да прогледам!“ 52 Исус му рече: „В ред; твојата вера те исцели!“ Човекот веднаш прогледа и Му се придружи[a] на Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest