Book of Common Prayer
5) Павле најавува враќање во Ерусалим
21 Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. 2 Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. 3 Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. 4 Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. 5 Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. 6 Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.
7 Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. 8 Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. 9 Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат.
10 Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. 11 Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните[a]‘!“
12 Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. 13 Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ 14 Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“
За развод на бракови
(Мт. 19:1-12; Лк. 16:18) 10 Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. 2 Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ 3 Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ 4 Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“
5 Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. 6 Во почетокот Бог создаде маж и жена. 7 При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. 8 Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. 9 Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“
10 Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. 11 Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. 12 Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“
Исус ги благословува малите деца
(Мт. 19:13-15; Лк. 18:15-17) 13 Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа. 14 Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство! 15 Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“ 16 Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest