Book of Common Prayer
Бунт против христијанството во Ефес
21 По овие настани, поттикнат од Светиот Дух[a], Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“ 22 Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија.
23 Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење[b]. 24 Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида[c] и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници, 25 ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает. 26 Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови. 27 Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“
28 Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“ 29 Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар[d]. 30 Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера, 31 а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот.
32 Собирот се претвори во бркотница. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани. 33 Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој замавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата, 34 но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“
35 Најпосле градоначалникот[e] ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!? 36 Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено. 37 Овие луѓе, што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица.
38 Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некакво обвинение против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат. 39 Ако имате некои други поплаки, тие мора да бидат разрешени на легалното градско собрание. 40 Постои опасност Римјаните да не обвинат дека креваме бунт. Нема никаква причина да создаваме вакви немири.“
41 Откако го рече ова, го распушти собирот и луѓето се разотидоа.
Исус исцелува епилептичар
(Мт. 17:14-20; Лк. 9:37-43а) 14 Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. 15 Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. 16 Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ 17 Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. 18 Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“
19 Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“
20 Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. 21 Исус го праша таткото на момчето:
„Од кога му е вака?“
„Уште од детството“ - одговори таткото. 22 „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“
23 „Зошто велиш: ‚Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.
24 Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“
25 Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. 26 Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. 27 Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.
28 Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“
29 Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва[a].“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest