Book of Common Prayer
Храбри Христови пратеници
4 Затоа сега, кога како израз на Божјата милост ја добивме оваа служба, ние не се обесхрабруваме. 2 Се откажавме од сите подмолни и срамни работи. Не се служиме со итрини и не го извртуваме Божјиот збор, туку јасно, пред Бог, му ја откриваме вистината на секој човек, оставајќи му ја одлуката на неговата совест.
3 Ако Радосната вест што ние ја проповедаме е скриена од некого, тоа е јасен знак дека тој се определил за пропаст. 4 Но на таквите Сатаната, богот на овој зол свет, им го заслепил разумот и тие не можат да го видат прекрасниот сјај на Радосната вест што ни доаѓа од преславниот Христос, Кој, како слика, точно Го одразува самиот Бог.
5 Ние не се истакнуваме себеси, туку проповедаме дека Исус Христос е Господ, а ние сме ви на услуга, заради Исус. 6 Зашто Бог, Кој рече: „Нека се појави светло во темнината[a]!“, Тој ги просветли и нашите срца, за да согледаме дека Неговата слава се одразува во ликот на Исус Христос.
Исус ја навестува Својата смрт
27 „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел[a] дојдов на овој свет! 28 Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ 29 Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“
30 Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. 31 Сега е време за суд над овој свет. Владетелот[b] на овој свет сега ќе биде соборен. 32 А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ 33 Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре.
34 Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо[c] дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“
35 „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината[d], додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. 36 Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest