Book of Common Prayer
7 Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. 8 Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. 9 Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите.
10 Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! 11 Во Светото Писмо, Господ вели:
„Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив,
дека секое колено пред Мене ќе клекне,
секој јазик на Бог ќе Му се исповеда[a]!“
12 Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог.
Исус ги повикува Филип и Натанаел
43 Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Таму го најде Филипа и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“
44 Филип беше од Бетцаида, од каде што беа Андреј и Петар. 45 Филип го побара Натанаел и му рече:
„Го најдовме Оној Кого Мојсеј Го навести во Божјиот Закон и Кого пророците Го претскажаа. Тоа е Исус, синот на Јосиф од Назарет.“
46 Натанаел му рече: „Може ли нешто добро да произлезе од Назарет!?“
„Дојди, па види!“ - му одговори Филип.
47 Исус забележа дека Натанаел доаѓа кај Него, па рече:
„Еве чесен човек - вистински Израелец[a]!“
48 „Од каде ме знаеш?“ - го праша Натанаел.
„Пред да те повика Филип, Јас те видов кога беше под смоквата“ - му одговори Исус.
49 На ова, Натанаел Му рече: „Раби, Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!“
50 Исус, пак, му рече: „Дали го веруваш тоа само затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта!“ 51 Потоа додаде: „Ве уверувам дека ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат[b] над Мене, Синот Човечки!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest