Book of Common Prayer
3) Павле проповеда во Солун
17 Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. 2 Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо, 3 објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ 4 Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови.
5 Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. 6 Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! 7 А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“
8 Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, 9 меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.
4) Павле и Сила во Верија
10 Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија[a]. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. 11 Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. 12 Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.
13 Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. 14 Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија. 15 Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.
ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА ИСУС НАДВОР ОД ГАЛИЛЕЈА
Импресивната вера на една жена
(Мт. 15:21-28) 24 Заминувајќи си оттаму, Исус отиде во пределот на градовите Тир и Сидон. Се смести во една куќа и се трудеше никој да не дознае за тоа, но не можеше да остане во тајност. 25 Една жена, чија ќерка беше обземена од демонски дух, дозна каде е Исус. Веднаш дојде кај Него и падна на колена. 26 Жената беше Гркинка, родум од областа Феникија, во Сирија. Таа Го замоли Исуса да ја ослободи нејзината ќерка од демонот. 27 Но Исус и рече: „Дозволи најпрво Божјите избрани деца, Израелците, да се нахранат! Не е право да им се одземе лебот на децата и да им се даде на кучињата!“ 28 „Така е, Господине, но и кучињата под масата ги јадат трошките што им паѓаат на децата!“ – Му одговори таа. 29 Тогаш Исус и рече: „За ваквиот одговор, оди си, ќерка ти веќе ја излекував од демонскиот дух!“ 30 Кога жената се врати дома, ќерка и лежеше в постела излекувана од демонскиот дух.
Исус исцелува глувонем човек
31 Враќајќи се од месноста околу градот Тир, преку градот Сидон, Исус се упати назад кон Галилејското Езеро, во подрачјето на Декаполис[a]. 32 Му донесоа еден глувонем човек и луѓето Го молеа да го излекува со Својот допир. 33 Исус го тргна човекот настрана и со Своите прсти му ги допре ушите. Потоа со плунка на прстите му го намачка јазикот. 34 Со поглед кон небото и со длабока воздишка, Исус рече: „Хипатах!“ - што на арамејски јазик значи: „Отвори се!“ 35 Слухот на човекот веднаш му се отвори, а во исто време почна јасно и разбирливо да зборува. 36 Исус им нареди никому да не кажуваат за ова. Но, колку повеќе им забрануваше, толку повеќе тие зборуваа за тоа. 37 Сите беа исполнети со восхит и говореа: „Сe што прави Тој е добро! На глувите им дава слух, а на немите моќ на говор!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest