Book of Common Prayer
Павле добива повик од Македонија
6 Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија[a]. 7 Пристигнаа до границите на покраината Мизија и сакаа да се упатат накај покраината Битинија[b], но Духот на Исус не им дозволи. 8 Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.
9 Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ 10 По тоа негово видение, ние[c] веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.
2) Во градот Филипи: обраќањето на Лидија
11 Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. 12 Оттаму заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија[d]. Таму останавме неколку дена.
13 Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. 14 Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. 15 Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така не убеди и останавме.
Враќањето на апостолите
30 Апостолите повторно се собраа[a] кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. 31 Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ 32 Тргнаа со бротче на едно такво место, 33 но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.
Исус нахранува над пет илјади души
(Мт. 14:13-21; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 34 Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.
35 Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ 37 „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ 38 „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ 39 Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. 40 Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.
41 Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. 42 Сите јадеа до наситување, 43 а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. 44 Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
Исус чекори по вода
(Мт. 14:22-33; Јвн. 6:15-21) 45 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. 46 Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest