Book of Common Prayer
26 Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! 27 Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од Книгите на пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. 28 Иако не Му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.
29 Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. 30 Но Бог Го воскресна од мртвите! 31 Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред израелскиот народ.
32 Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци 33 го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус:
,Ти си Мојот Син,
денес станав Твој Татко[a].‘
34 Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови:
,Тебе ќе ти го дадам
светиот благослов што му го ветив на Давид[b].‘
35 Во еден друг псалм, појаснува:
,Ти нема да дозволиш
Твојот Светец да скапува во гробот[c].‘
36 Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. 37 Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.
38 Затоа, браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот Закон. 39 На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. 40 Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:
41 ,Гледајте, вие подбивачи!
Стаписајте се и изгинете,
зашто она што го правам во вашите дни,
немаше да го верувате
ако некој ви го раскажуваше[d]!‘“
42 На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова.[e] 43 Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.
19 и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус.
Исус е наречен Кнез на демоните
(Мт. 12:22-32; Лк. 11:14-23; 12:10) 20 Исус се врати дома, а голема толпа народ повторно навали, така што Тој и Неговите ученици не можеа ни да јадат. 21 Кога Неговите домашни разбраа за ова, тргнаа да Го приберат, зашто се говореше дека Тој е луд.
22 Вероучителите што беа дојдени од Ерусалим зборуваа дека Исус е обземен од Баалзибул[a] - поглавицата на демонските духови - и дека со помош на Баалзибул ги изгонува демонските духови.
23 Тогаш Исус го повика народот да се собере околу Него, па почна да му зборува преку споредби.
„Како може Сатаната сам себеси да се изгонува!? 24 Царство во кое едни против други војуваат, не може да се одржи! 25 Семејство во кое владее неслога, не може да се одржи! 26 Ако Сатаната се крене сам против себе - тоа би значело крај за него!
27 Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да го ограби, ако прво не го совлада и не го врзе? Само така ќе може да го ограби!
28 Сериозно ви велам: сите грешни дела и навреди[b], колку и да се тешки, можат да им бидат простени на луѓето; 29 но нема простување за оној што ќе го навреди Светиот Дух; таквиот грев вечно ќе го товари.“ 30 Исус го рече ова, зашто за Него говореа дека е обземен со демонски дух.
Кое Му е вистинското семејство на Исус?
(Мт. 12:46-50; Лк. 8:19-21) 31 Тогаш пристигнаа мајка Му и браќата на Исус. Стоејќи надвор, тие испратија некого да Го повика. 32 Токму тогаш околу Него се беше насобрал многу народ и некои меѓу нив Му рекоа: „Ене ги надвор мајка ти, браќата и сестрите Твои и Те викаат!“
33 А Тој им одговори: „Која ми е мајка и кои ми се браќа и сестри?“ 34 Покажувајќи на седнатите околу Него, додаде: „Еве ги мајка Ми и браќата Мои! 35 Секој што ја извршува Божјата волја ми е и брат и сестра и мајка!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest