Book of Common Prayer
2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија
13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[a]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[b], град во областа Писидија.
15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[c] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[d]!‘
23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[e]!‘
Масовно доаѓање кај Исус
7 Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја, 8 како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус. 9 Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот.
10 Бидејќи исцелуваше мнозина, сите болни навалуваа кон Него, за да Го допрат. 11 А демонските духови паѓаа ничкум пред Исус и викаа: „Ти Си Божјиот Син!“ - 12 иако Тој строго им забрануваше да кажуваат кој е Тој.
Изборот на дванаесетте апостоли
(Мт. 10:1-4; Лк. 6:12-16) 13 Потоа Исус се упати кон гората, повикувајќи ги со Себе и оние што ги беше избрал. Тие Му се придружија. 14 Од нив Тој избра дванаесет души да бидат Негови апостоли: да Го придружуваат и да ги испраќа да проповедаат. 15 Исто така и да ги ослободуваат луѓето обземени од демони. 16 А дванаесеттемина беа овие: Симон, кого Исус го нарече Петар, 17 Завдаевите синови Јаков и Јован, кои Исус ги нарече „грмежливи синови[a]“, 18 Андреј, Филип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Алфеевиот син Јаков, потоа Тадија, Симон Кананеецот[b], 19 и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник на Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest