Book of Common Prayer
1) Апостол Павле препорачува хуманитарни работници
16 Му благодарам на Бог што во срцето на Тит ја стави истата грижа што јас ја чувствувам за вас. 17 Тој, не само што ја прифати нашата молба да дојде кај вас, туку одвај чекаше што побрзо да тргне на пат! 18 Со него ви испраќаме уште еден наш брат кој е проповедник на Радосната вест, и ужива голема почит меѓу сите цркви. 19 Освен тоа, тој е одбран од црквите да патува со нас кога ќе ги носиме доброволните прилози во Ерусалим[a]. Тоа дело е за слава на Господ и ја покажува нашата готовност да помогнеме.
20 Ќе патуваме заедно, за да не му дадеме никому повод да не озборува дека сомнително располагаме со овие вредни дарови, 21 зашто сакаме да бидеме чесни не само пред Господ, туку и пред луѓето.
22 Со нив ви испраќаме и еден наш брат чија искреност повеќепати сме ја провериле во многу работи. Тој сега уште повеќе сака да помогне, зашто има голема доверба во вас. 23 Ако некој се распрашува за Тит, кажете му дека тој е мој другар и соработник во мојата служба меѓу вас. Што се однесува до браќата што ќе го придружуваат, тие се претставници[b] на црквите. Тие се прекрасен пример како треба да се работи за слава на Христос. 24 Покажете љубов спрема нив, за да видат црквите дека ние со право се гордееме со вас.
За молитвите на фарисејот и на даночникот
9 За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба:
10 „Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок[a]. 11 Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! 12 Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘
13 А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘ 14 Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest