Book of Common Prayer
Тешкотиите со кои се соочувал Павле
3 Не даваме повод нашето поведение некого да поколеба да поверува во Господ, затоа се трудиме нашата работа да биде беспрекорна. 4 Во се се однесуваме како Божји службеници, стрпливо поднесувајќи ги сите напади, страдања и тешкотии. 5 Не тепаат, не ставаат в затвор, креваат бунтови против нас, а ние работиме, минуваме бессони ноќи и гладуваме[a]. 6 Се докажуваме преку нашата чистота, знаење, стрпливост, љубезност, преку силата на Светиот Дух и преку нашата искрена љубов. 7 Верно ја проповедаме вистината. Божјата сила работи во нас. Праведноста е нашето оружје и за напад и за одбрана[b].
8 Му служиме на Бог без разлика дали луѓето не почитуваат, или не презираат, дали имаат добро или лошо мислење за нас. Ние сме чесни, но тие не нарекуваат измамници. 9 Сите знаат за нас, а се однесуваат спрема нас како да не не познаваат. Соочени со смртни закани, а сепак, ете, живи сме. Казнувани сме, но не сме убиени. 10 Се обидуваат да не растажат, но ние сепак сме радосни. Сиромашни сме, но на многумина им дадовме духовно богатство. Немаме ништо, а сепак поседуваме се.
11 Драги наши пријатели во Коринт, ние искрено ви проговоривме, широко ги отворивме нашите срца. 12 Не сме ние затворени спрема вас, туку вие сте затворени спрема нас. 13 Како на свои деца ви велам: отворете ги и вие вашите срца спрема нас!
Пазете се од штетни компромиси
14 Немојте да се здружувате[c] со неверници! Како може праведен и неправеден да работат заедно? Како може светлината и темнината да живеат заедно? 15 Може ли да има слога меѓу Христос и Ѓаволот[d]? Каква заедница може да има еден христијанин со безверник? 16 Треба ли во Божјиот храм да ставате и идоли? Ние сме храмови на Живиот Бог. Како што Самиот Тој вели за Своите следбеници:
„Ќе живеам во нив,
ќе се движам меѓу нив;
Јас ќе бидам нивни Бог,
а тие Мој народ[e].“
17 „,Затоа, напуштете ги оние што не Му припаѓаат на Бог,
одвојте се од нив,‘ - вели Господ.
,Не мешајте се со она што е нечисто
и Јас ќе ве прифатам[f].‘“
18 „,Ќе ви бидам Татко,
а вие ќе бидете
Мои синови и ќерки,‘
- вели Семоќниот Господ[g].“
7 Драги пријатели, сега кога ги знаеме сите овие ветувања, да се исчистиме од се што може да ги оскверни нашето тело или дух. Да се трудиме, од страхопочит спрема Бог, да стануваме телесно и духовно се почисти, до совршенство.
Благодарни и неблагодарни луѓе
11 На Својот пат кон Ерусалим, Исус минуваше по должината на границата меѓу Самарија и Галилеја. 12 Токму кога влегуваше во едно село, Го пресретнаа десет заболени од лепра. Застанаа на извесно растојание 13 и повикаа: ,Исусе! Господару! Имај милост спрема нас!‘ 14 Исус ги погледна и им рече: ,Одете на преглед кај свештениците!‘ Додека одеа таму, оздравеа. 15 Еден од нив, кога виде дека оздраве, се врати кај Исус, славејќи Го Бога на сиот глас. 16 Падна ничкум пред Исусовите нозе и почна да Му се заблагодарува. Тој човек беше Самарјанец[a]. 17 Тогаш Исус рече: „Зар не исцелив десетмина? Каде се останатите девет души?“ 18 Ниеден од нив не се врати да Му заблагодари на Бог, освен овој туѓинец. 19 Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest