Book of Common Prayer
Упатства за христијански начин на живеење
2 Ти поучувај го она што е во согласност со здравото учење. 2 Постарите луѓе советувај ги да бидат трезвени, сериозни и разумни. Тие треба да имаат непоколеблива вера, љубов и трпение.
3 Постарите жени исто така треба да се однесуваат онака како што им прилега на луѓе што веруваат во Господ. Да не озборуваат, ниту да му робуваат на виното. Тие треба да поучуваат на добро поведение, 4 да ги поттикнуваат помладите жени да си ги сакаат мажите и децата, 5 да бидат разумни, чисти, вредни домаќинки, да бидат добри, да им се покоруваат на своите мажи. Во спротивно, ќе станат повод да се зборува лошо за христијанството[a].
6 Советувај ги и младите мажи да бидат разумни.
7 Биди им пример со своето добро поведение. Кога поучуваш, биди сериозен и искрен. 8 Зборувај умесно и разбирливо, за да не може никој да те прекорува, а секој противник да се засрами, немајќи ништо лошо да каже за тебе.
9 Робовите во се нека им се покоруваат на своите господари, без да се муртат и да противречат. 10 Не смеат да поткраднуваат. Треба да покажат верност и добрина, зашто така ќе придонесат луѓето многу повеќе да го почитуваат учењето на нашиот Спасител и Бог.
Божјата благонаклоност и нашиот одговор
11 Бог ни покажа колку ни е благонаклонет со тоа што дојде да ги спаси сите луѓе. 12 Не поучи да се откажеме од безбожниот начин на живеење и од световните похоти, па да почнеме да живееме разумно, праведно и побожно, 13 очекувајќи го тој прекрасен ден на кој се надеваме, кога величествено ќе се врати нашиот Велик Бог и Спасител Исус Христос. 14 Тој се жртвуваше за нас, за да не ослободи од секаков грев и да не направи чисти. Тој сака ние да бидеме Негов народ и од се срце да го правиме она што е добро.
15 Учи ги луѓето на ова, поттикнувај ги, и со целосен авторитет укорувај ги непослушните. Не дозволувај никој да го омаловажува тоа што го проповедаш.
Првите ученици на Исус
35 Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца Свои ученици. 36 Тој Го здогледа Исуса како поминува и рече: „Еве Го Божјото Јагне!“ 37 Кога го слушнаа тоа, двајцата Јованови ученици тргнаа по Исус.
38 Исус се сврте и ги виде како одат по Него, па им рече: „Што барате?“ Тие му рекоа: „Раби“, (што во превод значи: „Учителе“), „каде живееш?“
39 „Дојдете и видете!“ - им рече Тој. Така, тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него; а беше околу четири[a] часот попладне.
40 Едниот од двајцата што тргнаа по Исус, откако ги слушнаа зборовите на Јован Крстител, беше Андреј, братот на Симон, подоцна наречен Петар. 41 Андреј најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“, а тоа преведено на грчки значи Христос[b]. 42 Потоа Андреј го одведе својот брат кај Исус. Исус го впери Својот поглед во него и му рече: „Симоне, сине Јованов, ти ќе се викаш Кефа“ (Тој арамејски збор на грчки може да се преведе како: Петар[c]).
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest