Book of Common Prayer
Охрабрување за нашата вера
12 Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи. 2 Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно[a] место, веднаш до Бог. 3 Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени! 4 Зашто, во вашата досегашна борба против гревот, се уште никој од вас не настрадал до смрт! 5 Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца:
„Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања
и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто,
6 Господ ги казнува оние што ги сака,
и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда[b].“
7 Издржете го строгото воспитување! Бог постапува со вас како со Свои чеда! Кој татко не го дисциплинира своето дете!? 8 Ако сте изземени од укорувањата на кои сите деца се подложни, тогаш не сте вистински чеда, туку незаконски деца! 9 Па и нашите земни татковци не укоруваа, па сепак ги почитувавме! Тогаш, колку повеќе треба да Му бидеме послушни на нашиот духовен Татко, за да живееме! 10 Нашите земни татковци не караа еден кус временски период, како што сметале дека е најдобро. А Бог не кара за наше добро, зашто сака и ние да бидеме свети, како што е и Тој. 11 Ниедно укорување не е пријатно; тоа е дури болно во времето кога го примаме. Но подоцна, оние што се одгледани во дисциплина, ќе пожнеат плод на спокојство и праведен живот.
12 Затоа,
„подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена[c]!“
13 Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават!
Да не отстапуваме од верата
14 Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа!
За молитвите на фарисејот и на даночникот
9 За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба:
10 „Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок[a]. 11 Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! 12 Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘
13 А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘ 14 Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest