Book of Common Prayer
Одговорност спрема величественото спасение
2 Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта! 2 Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети. 3 Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа[a] оваа вистина. 4 Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја.
Старозаветни сведоштва за возвишеноста на Христос
5 Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите. 6 Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо:
„Што е човекот, та да му обрнуваш внимание,
и за синот човечки[b] да се грижиш?
7 Само за кратко време го направи помал од ангелите,
а потоа со слава и со чест го овенча.
8 Му даде власт над се“.
Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето. 9 Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест!
10 И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава.
Пораката на Јован Крстител
(Матеј 3:1-12; Марко 1:1-8; Лука 3:1-18) 19 Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено, 20 тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата[a]!“
21 „Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија[b] ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот[c] ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој.
22 „Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“
23 Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија:
„Јас сум глас што вика во пустината:
подгответе го патот за Господ[d]!“
24 Некои од испратените беа припадници на фарисеите[e]. 25 Тие го запрашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си ни Месијата, ни Илија, ниту Пророкот?“ 26 Јован им одговори: „Јас крштавам во[f] вода, а меѓу вас има Еден, Кого вие не Го познавате. 27 Иако јас дојдов пред Него, сепак не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам!“ 28 Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest