Book of Common Prayer
Завршни совети
11 Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! 12 Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. 13 Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле.
14 Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене.
15 Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. 16 На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ[a].
17 Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос.
18 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.
Исус вторпат ја навестува Својата смрт
(Мт. 17:22-23; Лк. 9:43б-45) 30 Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа. 31 Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите. 32 Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.
Кој е најголем во Божјите очи?
(Мт. 18:1-5; Лк. 9:46-48) 33 Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“ 34 Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен. 35 Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно[a] место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“
36 Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече: 37 „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној[b] што Ме испрати.“
За и против Исус
(Лк. 9:49-50) 38 Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“ 39 Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене. 40 Кој не е против нас, тој е за нас. 41 Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest