Book of Common Prayer
12 Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон.
Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте. 13 Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест. 14 Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос. 15 Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте! 16 Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината?
17 Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе. 18 Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас. 19 Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае се додека да се создаде Христова природа во вас. 20 Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува!
Исус нахранува 4.000 души
(Мт. 15:32-39) 8 Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече: 2 „Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна. 3 Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“
4 Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“ 5 „Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие. 6 Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот. 7 Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето.
8 Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната. 9 Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди.
10 Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest