Book of Common Prayer
Верата во Христос наспроти Законот
3 О, неразумни Галати! Кој ве маѓепса!? Пред ваши очи имавте толку јасна претстава за Исус Христос распнат на крстот. 2 Едно сакам да ми кажете: дали го примивте Светиот Дух преку придржување кон Мојсеевиот Закон, или така што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? 3 Како можете да бидете толку неразумни!? Започнавте со духовното, а сега сакате да станете совршени преку телесното! 4 Толку многу претрпевте, а попусто! Зарем попусто страдавте!?
5 Дали Бог ви Го даде Светиот Дух и изврши силни дела меѓу вас поради тоа што го спроведувавте Мојсеевиот Закон или поради тоа што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте?
6 Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност[a]. 7 Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. 8 Светото Писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи[b].“ 9 Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог.
10 Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата[c] на Законот[d].“ 11 А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера[e].“ 12 Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди[f].“
13 Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво[g].“ 14 Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.
Враќањето на апостолите
30 Апостолите повторно се собраа[a] кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. 31 Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ 32 Тргнаа со бротче на едно такво место, 33 но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.
Исус нахранува над пет илјади души
(Мт. 14:13-21; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 34 Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.
35 Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ 37 „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ 38 „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ 39 Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. 40 Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.
41 Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. 42 Сите јадеа до наситување, 43 а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. 44 Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
Исус чекори по вода
(Мт. 14:22-33; Јвн. 6:15-21) 45 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. 46 Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest