Book of Common Prayer
Павле го укорува Петар за дволичност
11 Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! 12 Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! 13 Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство!
14 Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила[a]!? 15 Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не грешници од народите кои не Го познаваат Бога. 16 Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“
17 Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос не направи грешници? Се разбира, не! 18 Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал! 19 Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос, 20 и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене. 21 Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува!
13 Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло[a].
Смртта на Јован Крстител
(Мт. 14:1-12; Лк. 9:7-9) 14 За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод[b] слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили. 15 Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци. 16 Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“
17 Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена. 18 Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“
19 Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност. 20 Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен[c] од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.
21 Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја. 22 Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш! 23 Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“
24 Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“ 25 Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“
26 На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите. 27 Затоа тој веднаш го испрати џелатот да му ја донесе главата на Јован. 28 Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.
29 Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest