Book of Common Prayer
Писмо од апостол Павле до христијаните во
Галатија
Авторство и поздрави
1 Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите.
2 Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија.
3 Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. 4 Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да не спаси од овој зол свет во кој живееме. 5 Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин!
Постои само една Радосна вест
6 Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради Својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги, а вие се свртевте кон друга Радосна вест[a]! 7 А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос.
8 Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! 9 Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте!
10 Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос!
Изворот на Радосната вест
11 Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, 12 зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос.
13 Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека и припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. 14 Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци.
15 Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам. 16 Реши да ми[b] Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо. 17 Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск.
3) Исус исцелува и оживува
(Мт. 9:18-26; Лк. 8:40-56) 21 Уште еднаш Исус отплови на спротивната страна од Галилејското Езеро. Тукушто излезе на брегот, многуброен народ се насобра околу Него. 22 Тогаш Му пристапи началникот на тамошната синагога, по име Јаир, клекна на колена 23 и почна сесрдно да Го моли: „Ќерката ми е на умирање! Дојди, положи раце врз неа за да оздрави и да живее!“ 24 Тогаш Исус тргна со Јаир, а многуброен народ ги следеше, туркајќи се околу Него.
25 Меѓу народот имаше една жена која крвавела веќе дванаесет години. 26 Се намачила одејќи по лекари на кои го потрошила сиот свој имот, но напразно - состојбата уште повеќе и се влошувала.
27 Оваа жена слушала што се зборува за Исус. Крадешкум, таа се доближи до Исус одзади и се допре до Неговата облека. 28 Зашто, во себе си велеше: „Само да се допрам до Неговата облека - ќе оздравам!“ 29 Крвавењето веднаш и запре и таа почувствува дека нејзиното тело оздраве.
30 Во истиот момент и Исус почувствува дека од Него излезе исцелителна сила. Обраќајќи му се на народот, запраша: „Кој се допре до мојата облека?“ 31 Учениците Му одговорија: „Гледаш колку народ се турка околу Тебе и прашуваш кој Те допрел!?“ 32 Но Исус се сврте да види кој Го допре. 33 Жената, тресејќи се од страв и знаејќи што се случи со неа, клекна на колена пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34 Исус и рече: „Ќерко! Ти оздраве врз основа на твојата вера. Оди си спокојна и здрава.“
35 Додека Исус зборуваше, пристигнаа некои од роднините на Јаир и му рекоа: „Ќерка ти умре; не додевај Му повеќе на Учителот!“ 36 Исус слушна што рекоа луѓето, но му рече на Јаир: „Само верувај Ми и не плаши се!“
37 Исус не му дозволи никому да дојде со Него, освен на Петар и на двајцата браќа Јаков и Јован, следбеници на Исус. 38 Кога стигнаа во куќата на Јаир, Исус забележа дека луѓето плачат и лелекаат на цел глас. 39 Влегувајќи внатре, Исус им рече: „Зошто плачете и лелекате? Девојчето не е мртво, туку спие!“ 40 Тие на тоа Му се подбиваа.
Исус нареди сите да излезат надвор, а внатре ги задржа само таткото и мајката на девојчето и тројцата Свои ученици кои Го придружуваа. Влегоа кај девојчето. 41 Исус го фати за рака и рече: „Талита, куми!“ Ова на арамејски јазик значи: „Девојче, стани!“ 42 Девојчето веднаш стана и одеше. Тоа имаше дванаесет години.
Сите беа вчудовидени! 43 Но Исус им нареди за ова никому да не кажуваат. Потоа им рече: „Дајте му на девојчето нешто да јаде.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest