Book of Common Prayer
Духовното оружје на христијаните
10 На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ. 11 Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот. 12 Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори.
13 Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени. 14 Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот[a] на праведноста, 15 обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир. 16 Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот. 17 Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово. 18 Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.
19 Молете се и за мене, кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест, 20 иако сега сум во окови токму поради тоа што, како Божји пратеник ја проповедам Радосната вест. Молете се да продолжам смело да зборувам, како што и треба.
Поздрави
21 Тихик, мојот драг брат по вера и верен помошник во работата за Господ, ќе ви каже како сум и што правам. 22 Токму заради тоа го испраќам кај вас, за да ви каже што правиме ние и да ве охрабри.
23 На сите христијани таму им посакувам мир и љубов со вера што доаѓа од Бог Таткото и од Господ Исус Христос. 24 Бог нека им биде благонаклонет на сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос со љубов што не гасне.
2) Исус ослободува од демони
(Мт. 8:28-34; Лк. 8:36-39) 5 Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса[a]. 2 Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови. 3 Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со синџири да го врзе. 4 Честопати го врзувале со синџири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел синџирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти. 5 Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења.
6 Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена. 7 Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“ 8 Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот.
9 Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“ 10 Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај.
11 Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи. 12 Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“ 13 Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија.
14 Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило. 15 Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија. 16 Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите, 17 луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај.
18 Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него. 19 Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“ 20 Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис[b] и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest