Book of Common Prayer
Да се живее под водство на Светиот Дух
15 Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно. 16 Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг. 17 Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате. 18 Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води! 19 Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ! 20 Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.
За односот меѓу сопружниците
21 Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.
22 Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ, 23 зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело, 24 па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи.
25 Истото важи и за вас мажите[a]. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа, 26 за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово, 27 да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана. 28 Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе. 29 Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата. 30 А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.
31 Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело[b].“ 32 Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата. 33 Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.
2) Споредба со свеќата
(Лк. 8:16-18) 21 Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник? 22 Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае. 23 Ако имате уши - слушајте внимателно!
24 Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде! 25 На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“
3) Споредба со семето
26 Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива. 27 Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа. 28 Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна. 29 Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“
4) Споредба со синаповото зрно
(Мт. 13:31-32; Лк. 13:18-19) 30 „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус. 31 „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња, 32 кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“
Заклучок
33 Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив. 34 Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest