Book of Common Prayer
Христијански начин на живеење
5 Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца. 2 Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.
3 Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии[a] и алчност. 4 Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог. 5 Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во Царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство!
6 Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправдување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе! 7 Со такви луѓе немојте да си имате работа.
8 Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината. 9 Таа светлина во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина.
10 Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го. 11 Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги! 12 За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува! 13 Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина, 14 Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели:
„Стани ти што спиеш,
воскресни од мртвите
и Христовата светлина ќе те огрее.“
ИСУС ПОУЧУВА ПРЕКУ СПОРЕДБИ
1) Споредба со сејачот, почвата и семето
(Мт. 13:1-9; Лк. 8:4-8) 4 Покрај брегот на Галилејското Езеро, Исус уште еднаш почна да го поучува народот. Се беше собрал толку многу народ, што Тој мораше да се качи на едно рибарско бротче и оттаму да му зборува на народот кој стоеше на брегот. 2 За многу работи ги учеше, користејќи се со споредби. Во една од нив им упати ваква порака:
3 „Слушајте го ова:
Еден сејач излезе да сее на својата нива. 4 Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. 5 Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја и тоа брзо никна, бидејќи земјата беше плитка. 6 Но штом опече сонцето, стебленцата свенаа и се исушија, бидејќи немаа доволно длабоки корени за да ги одржат во живот.
7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата и тие не донесоа никаков род.
8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва каде што изникна, порасна и донесе род: едно стебло роди триесет, друго шеесет, а трето - сто зрна.“
9 Потоа Исус заклучи: „Ако имате уши - слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Мт. 13:10-17; Лк. 8:9-10) 10 Кога Исус беше насамо со Своите дванаесет апостоли и со уште некои следбеници, тие Го прашаа за причината поради која Тој се служи со споредби. 11 Тој им одговори: „Вам ви е објавена тајната за Божјото царство, но на другите луѓе им зборувам преку споредби, 12 бидејќи тие, имајќи очи - не гледаат, имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат, па да се обратат кон Бог и Тој да им прости[a].“
Исус ја објаснува споредбата со сејачот
(Мт. 13:18-23; Лк. 8:11-15) 13 Потоа Исус им рече: „Ако не ја разберете оваа споредба, не ќе можете да ги разберете другите. 14 Тоа што сејачот го сее е Божјата порака. 15 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето. 16 Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат. 17 Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.
18 Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, 19 но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.
20 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest