Book of Common Prayer
Помирување и единство преку Христос
11 Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрезани“. 12 Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог. 13 Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас.
14 Христос е Тој што не помири[a], Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели. 15 Со Својата смрт Христос му стави крај[b] на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир. 16 Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ. 17 Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу. 18 Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото.
Храмот Господов
19 Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство. 20 И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен[c] камен. 21 Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ. 22 Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог.
Исцелување на парализиран човек
Првите негодувања против Исус
(Мт. 9:1-8; Лк. 5:17-26) 2 По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. 2 Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака.
3 Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. 4 Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек.
5 Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“
6 Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: 7 „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог[a]! Кој може да простува гревови освен Бог!?“
8 Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? 9 Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? 10 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: 11 „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
12 Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest