Book of Common Prayer
Молитва за духовна мудрост
15 Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани 16 и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас. 17 Го молам Бога, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие се за Себе, за да Го запознаете целосно. 18 Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато[a] и величествено наследство има Бог за Својот свет народ, 19 колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила 20 со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна. 21 Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот. 22 Бог се стави под власт[b] на Христос и Го постави за Господар[c] над се, во полза на Црквата. 23 Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува се и насекаде.
Почетоци на Исусовата служба
(Мт. 4:12-17; Лк. 4:14-15) 14 Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. 15 Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“
Исус ги избира првите ученици
(Мт. 4:18
-22; Лк. 5:1-11) 16 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус ги забележа браќата Симон и Андреј. Тие беа рибари и ги поставуваа своите рибарски мрежи во езерото. 17 Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“ 18 Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.
19 Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив. 20 Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.
Исус во Кафарнаум: сабота, во синагогата
(Лк. 4:31-37) 21 Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата[a] и почна да ги поучува луѓето. 22 Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите[b].
23 Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен[c] со демонски дух и почна да вика: 24 „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“
25 Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ 26 Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.
27 Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“
28 Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest