Book of Common Prayer
23 Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор.
Божји деца преку вера
24 Така Законот ни беше воспитувач[a] што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. 25 Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач.
26 Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. 27 Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос[b]. 28 Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк[c], за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. 29 Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети.
4 Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот. 5 Бог го испрати Христос за да не ослободи од Законот и, преку посвојување, да не направи Божји деца.
6 За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Аба[a]“, односно со „Татко“. 7 Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите се што е Божјо.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest