Book of Common Prayer
20 Ве уверувам дека секој што го прима оној што Јас го испраќам - Мене Ме прима; а Кој Ме прима Мене - Го прима Оној што Ме испрати.“
Исус претскажува дека ќе биде предаден
(Матеј 26:20-25; Марко 14:17-21; Лука 22:21-23) 21 Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“
22 Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува. 23 Еден од Неговите ученици беше навален[a] на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус. 24 Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото?
25 Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“
26 Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон. 27 Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“
28 Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така. 29 Јуда беше задолжен за ќесето со пари, па некои помислија дека Исус му порачува да купи се што е потребно за празникот, или да им даде нешто на сиромасите. 30 Кога Јуда го прими залачето леб веднаш излезе. А беше ноќ.
Нова заповед
31 Кога Јуда излезе, Исус рече: „Сега Синот Човечки ќе биде прославен и Тој ќе Му донесе слава на Бог. 32 Штом Тој ќе Му донесе слава на Бог, тогаш и Бог ќе Го прослави Него и тоа ќе биде наскоро!
33 Чеда Мои, уште малку сум со вас. Потоа ќе Ме барате, но како што им кажав на еврејските старешини, така и вам сега ви кажувам: вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам.
34 Нова заповед ви давам: „Сакајте се еден со друг! Како што Јас ве засакав, така и вие да се сакате еден со друг. 35 Ако се сакате еден со друг, луѓето ќе знаат дека сте Мои ученици.“
Верата победува
5 Секој што верува дека Исус е Месијата[a], е препородено Божјо чедо. Секој што го сака Родителот, ќе ги сака и Неговите чеда. 2 По што знаеме дека ги сакаме Божјите чеда? По тоа што Го сакаме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. 3 Да Го сакаме Бога значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме.
4 Секој што е препородено Божјо чедо може да надвладее против светот. Таа победа против светот се постигнува преку вера во Христос. 5 Кој друг ќе го победи овој свет, ако не оние што веруваат дека Исус е Божјиот Син!?
Тројно сведоштво за Исус
6 Христос ни беше објавен како Божји Син преку Неговото крштавање во водата и преку пролевањето на Неговата крв на крстот[b]. Не само преку вода, туку преку вода и крв. Светиот Дух ни сведочи за тоа, а Нему може да Му се верува. 7 Значи постојат тројца сведоци[c]: 8 Духот, водата и крвта, и сведоштвата на сите тројца сведоци се совпаѓаат.
9 Ако прифаќаме сведочење од човек, Божјото сведоштво е уште посилно. Затоа ние го прифаќаме она што Бог ни го сведочи за Својот Син. 10 Секој што верува во Божјиот Син, го има ова сведоштво во своето срце. Оние што не Му веруваат на Бог, Го прогласуваат Бога за лажливец, бидејќи не Му веруваат на сведоштвото што го даде Тој за Својот Син.
11 Сведоштвото кажува дека Бог ни даде вечен живот и тој живот доаѓа од Неговиот Син. 12 Кој го има Божјиот Син, има вечен живот. Кој го нема Божјиот Син, нема вечен живот.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest