Book of Common Prayer
Назначување на седум помошници
6 Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините[a] се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. 2 Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. 3 Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, 4 а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“
5 Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. 6 Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив.
7 Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера.
59 Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“ 60 Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина.
Савле ја прогонува Црквата
8 Савле го одобруваше убиството на Стефан.
Од тој ден почна големо прогонство против Црквата во Ерусалим, па сите христијани, со исклучок на апостолите, се раштркаа по јудејските области и по Самарија.
2 Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас.
3 Савле почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор.
Радосната вест се проповеда низ Самарија
4 Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос. 5 Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос. 6 Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше и ги гледаше чудата што тој ги правеше. 7 Многу демонски духови со силен викот излегуваа од обземените и многу парализирани и сакати беа исцелени. 8 Во градот завладеа голема радост.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest