Book of Common Prayer
Конечниот Суд над Земјата и луѓето
11 Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него.
12 Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. 13 Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. 14 А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Ова е втората смрт. 15 Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.
Ново небо и нова Земја
21 Потоа видов ново небо и нова Земја. Поранешното небо и поранешната Земја повеќе ги немаше, а и морето исчезна.
2 Го видов и Светиот град, новиот Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог. Беше убав како невеста во свадбена облека, накитена за средба со својот маж. 3 Тогаш еден силен глас извика од престолот: „Еве, Божјото живеалиште отсега е меѓу луѓето! Тој ќе живее меѓу нив, тие ќе бидат Негов народ; Самиот Бог ќе живее со нив. 4 Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Нема повеќе да постојат смртта, тагата, плачот и болката, зашто стариот свет неповратно ќе го нема.
5 Тогаш Оној што седеше на престолот рече: „Еве, се создавам одново. Запиши го тоа што го реков, зашто овие зборови сигурно ќе се остварат!“
6 Потоа ми рече: „Завршено е! Јас Сум Алфа и Омега, Зачетникот и Завршителот. На секој што е жеден, Јас ќе му подарам вода од изворот на животодавната вода. 7 На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца.
8 А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“
Навестување за раѓањето на Јован Крстител
5 Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах[a]. Неговата жена се викаше Елисавета[b] и беше потомка на свештеникот Арон. 6 Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила. 7 Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години.
8 Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм, 9 тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот. 10 За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше.
11 Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење. 12 Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде. 13 Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован. 14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање. 15 Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си. 16 Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог. 17 Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети[c].“
18 Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“ 19 Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил[d] и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест. 20 Но ти не им поверува на моите зборови, кои сепак ќе се исполнат кога за тоа ќе дојде време; затоа сега ти ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш сe до оној ден кога ќе се исполни ова што ти го кажав!“
21 Во меѓувреме, народот чекаше Захарија да излезе и се чудеше зошто толку долго се задржа во храмот. 22 Кога излезе, не можеше да зборува, но според неговите движења заклучија дека имал некое видение во храмот. Тој им објаснуваше со знаци, без да проговори ниту еден збор.
23 Кога му истече времето за служење во храмот, Захарија се врати дома. 24 По извесно време неговата жена Елисавета забремени, но бременоста ја прикриваше цели пет месеци и велеше: 25 „Најпосле ја добив Господовата благонаклоност, кога реши да се смилува и да го симне срамот од мене!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest