Book of Common Prayer
Бидете вредни, а не мрзливи
6 Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. 7 Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. 8 Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. 9 Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. 10 Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! 11 Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. 12 Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. 13 А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела.
14 Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат. 15 Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги како членови на вашето духовно семејство.
Благослови и поздрави
16 Господ нека биде секогаш со вас и нека ви дава мир во секакви околности, зашто Самиот Тој е извор на мирот.
17 Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле.
18 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите.
Исус претскажува дека Петар ќе Го изневери
(Матеј 26:31-35; Марко 14:27-31; Јован 13:36-38) 31 Исус продолжи: „Симоне, Симоне! Еве, Сатаната побара дозвола да ве искуша сите. Тој ќе се обиде да ве просее, како што земјоделецот ја просејува пченицата. 32 А Јас се молев за тебе, Симоне, да не потклекнеш во твојата вера. Така и ти, кога повторно ќе се вратиш кај Мене, поткрепувај ги своите пријатели христијани!“
33 Петар одговори: „Господе! Јас сум готов да одам со Тебе и во затвор и во смрт!“ 34 Но Исус му рече: „Еве, ти кажувам, Петре, пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одрекуваш дека воопшто Ме познаваш!“
35 Потоа Исус ги праша Своите ученици: „Кога ве испратив на претходната мисија без ќесиња, без торби и чевли, дали бевте во скудност за нешто?“ Тие Му одговорија: „Не, за ништо!“ 36 Но овојпат ви велам: „Кој има ќесе или торба, нека ги земе со себе; и кој нема меч, нека си го продаде палтото и нека си купи меч. 37 Зашто, еве, ви кажувам дека за Мене мора да се исполни она што е претскажано[a] во Светото Писмо:
„Тој ќе биде осуден како да е злосторник!“ Тоа ќе се оствари за Мене сега.
38 Учениците Му рекоа: „Господе, имаме два ножа!“ А Тој им рече: „Доволно зборувавме за тоа!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest