Book of Common Prayer
4 За крај, драги пријатели, сега кога Му припаѓате на Господ Исус, ве молиме и ве повикуваме да живеете богоугодно, онака како што ве учевме. Вие веќе сега живеете така, но трудете се уште повеќе. 2 Потсетувајте се на упатствата што ви ги дававме како на следбеници на Господ Исус. 3 Бог сака вие да бидете свети - да се чувате од блуд. 4 Секој треба да умее да го контролира своето тело[a], за да биде свето и за почит. 5 Немојте да им робувате на вашите необуздани страсти, како што прават луѓето што не Го познаваат Бога.
6 Во однос на ова прашање, никако не смеете да мамите и искористувате други христијани! Потсетете се, веќе ве предупредивме дека Господ ќе го казни секој што така прави. 7 Бог не ве одбра за да живеете валкан живот, туку за да бидете свети. 8 Секој што не се придржува кон ова, не е непослушен спрема нас, туку спрема Бог, спрема Оној што ни Го дава Својот Свет Дух.
9 Нема потреба да ви пишувам дека треба да се сакате еден со друг. Самиот Бог веќе ве научи како да се сакате, 10 и вие веќе ја покажавте својата љубов спрема сите христијани во цела Македонија. Сакам само да ве охрабрам, драги пријатели, таа љубов кај вас уште повеќе да расте. 11 Трудете се да живеете тивко, да си ја гледате својата работа, да си заработувате за живејачка, како што и ве учевме. 12 Така и тие што не се христијани ќе ве почитуваат, а вие нема да зависите од никого.
Потеклото на Месијата
(Матеј 22:41-46; Марко 12:35-37) 41 Исус ги запраша: „Како може да се смета дека Месијата е потомок на Давид? 42 Не вели ли самиот Давид, во книгата на Псалмите, вака:
,Јахве[a] Му рече на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, 43 додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘
44 Значи, Давид Го нарече Него ,Господ‘; како може, тогаш, Месијата да биде Давидов потомок?“
Исус ги критикува верските водачи
(Матеј 23:1-36; Марко 12:38-40) 45 Додека сиот народ Го слушаше, Исус им се обрати на Своите ученици: 46 „Чувајте се од вероучителите кои сакаат да шетаат во своите долги облеки и да бидат поздравувани на јавните места; да седат на челните места по синагогите и на почесните места на гозбите! 47 Тие ги искористуваат вдовиците и ги ограбуваат нивните домови, а потоа редат долги молитви! Затоа, тие ќе бидат посурово казнети!“
Прилогот на сиромашната вдовица
(Марко 12:41-44) 21 Кружејќи со погледот, Исус виде како богатите ставаат големи парични прилози во храмот. 2 Потоа виде и една сиромашна вдовица која стави само две бакарни парички[b], 3 па рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде поголем прилог од сите, 4 бидејќи, сите други дадоа прилози за храмот од вишокот што го имаат, а таа, и покрај својата сиромаштија, ја даде сета своја животна издршка.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest