Book of Common Prayer
13 Постои и друга причина поради која ние постојано Му заблагодаруваме на Бог. Кога ја слушнавте од нас Божјата порака, вие ја прифативте не како порака што доаѓа од луѓе, туку како Божја порака, што таа навистина и е. Таа сега дејствува во вас кои поверувавте. 14 Драги пријатели христијани, вам ви се случија истите нешта што им се случуваат на Божјите цркви во Јудеја и на сите луѓе што Му се верни на Исус Христос. Вие настрадавте од вашите сонародници, исто како што тие страдаа од Евреите, 15 од оние што Го убија Господ Исус, што ги убиваа пророците, од оние што и нас жестоко не прогонуваа. Тие не Му се по волја на Бог. Непријателски се расположени спрема целото човештво. 16 Ни забрануваа да им проповедаме на луѓе што не се Евреи, за да не се спаси и некој што не е Евреин! Со тоа докрај се исполни списокот на нивните гревови. Сега Божјиот гнев конечно дојде и на нивна глава.
Павле сака повторно да ја посети црквата во Солун
17 Драги пријатели! Колку многу ни недостасувате, колку желно сакаме пак да ги видиме вашите лица, иако само кратко време сме одвоени од вас, се разбира физички, но не и во нашите мисли. 18 Сакавме да дојдеме кај вас. Јас, Павле, не еднаш се обидов, но Сатаната не спречи. 19 Конечно, што ни дава надеж и радост, со каков венец ние ќе се гордееме? Тоа сте вие! Кога нашиот Господ Исус повторно ќе дојде, ние со вас ќе се гордееме и ќе се радуваме. 20 Вие сте нашата слава и радост.
За плаќањето данок
(Матеј 22:15-22; Марко 12:13-17) 19 Во тој момент, вероучителите и свештеничките поглавари сакаа да Го уапсат Исуса, бидејќи сфатија дека кажаната споредба се однесува на нив; но се плашеа од народот. 20 Продолжија да Го држат на око, а Му испраќаа и поткажувачи кои се преправаа дека се искрени, за да Го уловат на зборови и да Го поткажат на властите и на покраинските управници. 21 Тие Му велеа: „Учителе, знаеме дека тоа што го зборуваш и го учиш е правилно. Знаеме дека Ти не гледаш на тоа кој е кој, туку вистинито го проповедаш Божјиот пат.
22 Кажи ни, дали ние треба да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ 23 Исус го проѕре нивното лукавство, па им рече: 24 „Покажете ми една римска монета. Чиј лик и име се втиснати на монетата?“ Тие Му одговорија: „На императорот“. 25 Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога - тоа што Му припаѓа на Бога!“ 26 И не можеа да Го уловат на збор пред народот, па затоа, вчудовидени, замолкнаа.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest