Book of Common Prayer
Моќта на молитвата
13 Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност. 14 Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ. 15 Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости.
16 Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила! 17 Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата. 18 Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови.
19 Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад. 20 Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови[a].
За молитвите на фарисејот и на даночникот
9 За оние што беа самоуверени во својата праведност и ги потценуваа другите, Исус ја кажа следнава споредба:
10 „Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок[a]. 11 Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! 12 Двапати неделно постам и во храмот давам десеток од сите мои приходи!‘
13 А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!‘ 14 Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо - ќе биде понижен, а оној што се понизува - ќе биде издигнат!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest