Book of Common Prayer
Вистинската мудрост доаѓа од Господ
13 Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро. 14 Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри. 15 Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична[a] и демонска. 16 Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела. 17 Небесната мудрост не прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни. 18 А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност.
Пријателството со светот
4 Од каде произлегуваат судирите и кавгите меѓу вас? Зарем не произлегуваат од вашите необуздани страсти што постојано војуваат во вашите тела? 2 Го посакувате тоа што го немате и ќе направите се за да го добиете! Подготвени сте дури и да убиете! Ќе пукнете од завист. Се карате, се расправате и пак не го добивате, бидејќи не го барате од Бог. 3 А и кога барате - не добивате, бидејќи барате со грешни мотиви, за да ги задоволите вашите необуздани страсти.
4 Тоа е прељубодејство спрема Бог! Зар не знаете дека пријателството со овој свет значи непријателство со Бог!? Секој што ќе одбере да му биде пријател на овој свет, Му станува непријател на Бог. 5 Зарем мислите дека Писмото попусто кажува дека духот што Бог го поставил да живее во нас до ревност копнее за нашата верност спрема Него?[b] 6 Всушност, Бог е многу поблагонаклонет спрема нас, како што и кажува Светото Писмо:
„Бог им се противставува на гордите,
но спрема скромните е благонаклонет[c].“
7 Затоа, дозволете Бог да ве води. Противставете му се на Ѓаволот, па тој ќе побегне од вас! 8 Приближете се кон Бог и Тој ќе се приближи кон вас! Грешните луѓе нека си ги измијат рацете, лицемерните нека си ги пречистат срцата. 9 Нека жалат, нека тагуваат и нека плачат. Наместо да се смеат, нека тагуваат, наместо да се радуваат, нека жалат. 10 Бидете понизни пред Господ и Тој ќе ве воздигне!
Предупредување против критизерството
11 Пријатели мои, не зборувајте лошо еден против друг! Кој зборува против својот пријател христијанин или го осудува, тој го напаѓа и осудува Божјиот Закон. А ваша задача е да го исполнувате Божјиот Закон, а не да го оценувате! 12 Само Бог е Законодавец и Судија. Само Тој може да спасува или да уништува. Со кое право ти му судиш на твојот ближен!?
Благодарни и неблагодарни луѓе
11 На Својот пат кон Ерусалим, Исус минуваше по должината на границата меѓу Самарија и Галилеја. 12 Токму кога влегуваше во едно село, Го пресретнаа десет заболени од лепра. Застанаа на извесно растојание 13 и повикаа: ,Исусе! Господару! Имај милост спрема нас!‘ 14 Исус ги погледна и им рече: ,Одете на преглед кај свештениците!‘ Додека одеа таму, оздравеа. 15 Еден од нив, кога виде дека оздраве, се врати кај Исус, славејќи Го Бога на сиот глас. 16 Падна ничкум пред Исусовите нозе и почна да Му се заблагодарува. Тој човек беше Самарјанец[a]. 17 Тогаш Исус рече: „Зар не исцелив десетмина? Каде се останатите девет души?“ 18 Ниеден од нив не се врати да Му заблагодари на Бог, освен овој туѓинец. 19 Потоа Исус му рече: „Стани и оди си, твојата вера те исцели!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest