Book of Common Prayer
Седумте садови на Божјиот гнев
16 Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“
2 Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа.
3 Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него.
4 Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв. 5 Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин, 6 зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“ 7 Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“
8 Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган. 9 Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог.
10 Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог 11 поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела.
Исус исцелува една жена во сабота
10 Една сабота Исус поучуваше во синагогата[a]. 11 Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. 12 Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ 13 Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога.
14 Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ 15 А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, 16 а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ 17 Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest