Book of Common Prayer
Јагнето и Неговите 144.000 следбеници
14 Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион[a]. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. 2 Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. 3 Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. 4 Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први[b] ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. 5 Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.
Пораки од три ангели
6 Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. 7 Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“
8 По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“
9 По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака, 10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето! 11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име. 12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.
13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат[c] службата!“
Поделби заради (не)вера во Исус
(Матеј 10:34-36) 49 „Јас дојдов да запалам оган на Земјата - и колку би сакал Мојата задача да беше веќе завршена! 50 Мене Ме очекува страшно „крштавање“ и многу Ми е тешко додека тоа не се заврши! 51 Зар вие мислите дека Јас дојдов да воспоставам мир на Земјата? Ви велам: не мир, туку раздор! 52 Отсега натаму, во семејство од пет членови ќе дојде до поделби за, и против Мене: тројца против двајца и двајца против тројца. 53 Татковци ќе бидат против своите синови и синови против своите татковци; мајки против ќерки и ќерки против мајки; свекрви против снаи и снаи против свекрви!“
Препознавање на времето
(Матеј 16:2-3) 54 Исус му се обрати на народот и рече: „Кога гледате дека се креваат облаци на запад, велите: ,Ќе врне дожд!‘ - и така бидува. 55 Кога гледате дека дува јужен ветар, велите: ,Ќе биде горештина!‘ - и така бидува. 56 Лицемери! Изгледот на небото и на Земјата умеете да го препознавате, а не умеете да го препознаете ова време!?“
Помирувај се со соперникот
(Матеј 5:25-26) 57 „Зошто самите не пресудите што е право? 58 Ако некој те обвини и те даде на суд, потруди се уште по пат да го разрешиш спорот преку спогодба, за да не бидеш одведен на суд, па судијата да те предаде на органите на законот кои ќе те фрлат в затвор. 59 Те уверувам дека нема да излезеш оттаму сe додека не го платиш и последниот грош!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest