Book of Common Prayer
Видение за жената и Змејот
12 Потоа на небото се покажа една чудна[a] појава: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди. 2 Жената се породуваше и врескаше од породилни болки.
3 Тогаш и друга глетка се појави на небото: еден голем црвен Змеј со седум глави и десет рогови; на секоја од седумте глави имаше круна. 4 Со својата опашка Змејот завлече една третина од ѕвездите[b] на небото и ги собори долу на Земјата. Потоа Змејот се упати кон жената за да и го погуби Детето, откако ќе Го роди.
5 Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол. 6 Жената, пак, побегна во пустината, на местото што Бог го беше приготвил како засолниште за неа - таму да биде згрижена илјада двесте и шеесет дни.
Исус ги критикува верските водачи
(Матеј 23:1-36; Марко 12:38-40) 37 Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј[a] го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата. 38 Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде, 39 а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија! 40 Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста? 41 Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто!
42 Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф[b] и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото.
43 Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите! 44 Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“
45 Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“[c]
46 А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате! 47 Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци! 48 Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници! 49 Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘, 50 но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот: 51 од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив!
52 Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest