Book of Common Prayer
Двајца таинствени пророци
11 Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот! 2 А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град. 3 Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки[a] ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни. 4 Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата. 5 Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости. 6 Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат.
7 Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие. 8 Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“.
9 Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани. 10 Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања.
11 Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат!
12 Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото.
13 Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог.
14 Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата!
Исус е обвинет дека е ѓавол
(Матеј 12:22-30; Марко 3:20-27) 14 Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен, 15 но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул[a] - поглаварот на демонските духови е во Него!“ 16 Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото, 17 но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога. 18 Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува? 19 Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат! 20 Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила[b], тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас! 21 Кога силниот[c], целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден. 22 Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот.
23 Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“
Од лошо
- полошо! (Матеј 12:43-45) 24 „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ 25 При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден, 26 па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest