Book of Common Prayer
Павле е испратен кај гувернерот Феликс
23 Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја. 24 Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“
25 Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина:
26 „Од Клавдиј Лисиј,
до почитуваниот гувернер Феликс.
Ве поздравувам! 27 Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. 28 Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. 29 Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. 30 Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“
31 Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. 32 Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја. 33 Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. 34 Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија 35 му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата.
Пратениците на Јован Крстител
(Матеј 11:2-19) 18 За сето ова што го правеше Исус, Јован Крстител беше известен од своите ученици. 19 Тој повика двајца од нив и ги испрати кај Господ, за да Го прашаат: ,Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или друг да чекаме?‘ 20 Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“ 21 Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите. 22 Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест[a]! 23 Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“
24 Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот? 25 Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати! 26 Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк! 27 Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели[b]: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘
28 Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“
29 Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок[c] - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител. 30 Само фарисеите и вероучителите[d] го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован.
31 Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација? 32 Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:
,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте.
Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘
33 Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘ 34 Потоа дојдов Јас, Синот Човечки[e], кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘ 35 Меѓутоа, Божјата мудрост се потврдува преку животите на оние што ја прифаќаат.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest