Book of Common Prayer
17 Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам. 18 Во видение Го видов Исуса, Кој ми рече: ,Напушти го Ерусалим што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!‘
19 А јас Му реков: ,Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!? 20 А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!‘
21 Но Господ ми рече: ,Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“
22 Се до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“ 23 Викаа, мавтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот.
Павле открива дека е римски граѓанин
24 Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него. 25 Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го праша помладиот офицер што стоеше крај него: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“
26 Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“
27 Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“
„Да!“ - му одговори Павле. 28 Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“
29 Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван.
Љубов и спрема непријателите
(Матеј 5:38-48; 7:12а) 27 „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! 28 Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. 29 На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! 30 На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! 31 Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!
32 Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! 33 И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! 34 И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! 35 Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. 36 Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“
Бидете добри и самокритични
(Матеј 7:1-5) 37 „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! 38 Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest