Book of Common Prayer
25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27 Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“
29 Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30 Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31 Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32 Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33 а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34 Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.
35 Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36 Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“
37 Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“
38 Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39 Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40 Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.
Исус ја навестува Својата смрт
27 „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел[a] дојдов на овој свет! 28 Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ 29 Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“
30 Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. 31 Сега е време за суд над овој свет. Владетелот[b] на овој свет сега ќе биде соборен. 32 А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ 33 Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре.
34 Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо[c] дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“
35 „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината[d], додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. 36 Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest