Book of Common Prayer
Јагнето и Неговите 144.000 следбеници
14 Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион[a]. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. 2 Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. 3 Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. 4 Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први[b] ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. 5 Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.
Пораки од три ангели
6 Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. 7 Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“
13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат[a] службата!“
Сол и светлина на светот
(Мк. 9:50; Лк. 14:34-35) 13 „Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе и се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна - ќе биде фрлена да ја газат луѓето.
14 Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат. 15 Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата. 16 Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“
Осврт на Божјиот Закон
17 „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. 18 Зашто, ве уверувам дека, се додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине се додека целосно не се исполни! 19 Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават - ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така - ќе биде прогласен за голем во небесното царство. 20 Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите[a] - вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest