Book of Common Prayer
Убиството на Јаков и апсењето на Петар
12 Во тоа време, царот Ирод Агрипа[a] им зададе многу маки на неколку припадници на црквата. 2 Со меч го погуби апостол Јаков, братот на Јован. 3 Кога виде дека со тоа им угодува на еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници[b]. 4 Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. 5 Додека Петар беше в затвор, целата црква сесрдно Му се молеше на Бог за него.
Петар на чудотворен начин излегува од затворот
6 Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два синџира, а пред вратата на затворот стоеше стража. 7 Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш синџирите паднаа од неговите раце, 8 а ангелот му рече: „Препаши се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Префрли си ја наметката и оди по мене!“
9 Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. 10 Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна.
11 А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“
12 Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. 13 Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода 14 и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.
15 „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.
16 Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! 17 Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.
33 Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“
34 Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот. 35 А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството. 36 Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни! 37 Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење. 38 Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“
39 „Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца[a], ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам. 40 Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така! 41 Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“
42 Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати. 43 Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака! 44 Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата. 45 А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината. 46 Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? 47 Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest