Book of Common Prayer
Петровата проповед во домот на Корнелиј
34 Тогаш Петар почна да зборува: „Сега сфаќам дека Бог навистина не е пристрасен кон никого, 35 туку го прифаќа секој што има страхопочит спрема Него и праведно постапува, без разлика на кој народ му припаѓа. 36 Вие ја знаете пораката што им ја упати на Израелците, нудејќи им Радосна вест за помирување преку Исус Христос, Кој е Господ на сите. 37 Знаете што се се случуваше во Јудеја, почнувајќи од Галилеја, откако Јован Крстител почна да проповеда дека секој треба да се крсти. 38 Потоа Бог Го помаза Исуса од Назарет со Светиот Дух и Му даде сила. Исус цел живот правеше добрини и ги исцелуваше сите што беа угнетени од Ѓаволот, зашто Бог беше со Него. 39 А ние, апостолите, сме сведоци за се што Тој направи во земјата на Евреите и во Ерусалим. Него Го убија, Го распнаа на крст. 40 Но на третиот ден, Бог Го воскресна, Му овозможи да се појави, 41 не на сите луѓе, туку само на сведоците што Бог ги беше одбрал од порано, односно нам што јадевме и пиевме со Него откако Тој воскресна од мртвите. 42 Тој ни заповеда да им проповедаме и да ги уверуваме луѓето дека Исус е Судијата назначен од Бог, и Тој ќе им суди и на живите, и на мртвите. 43 Сите пророци зборуваа за Исус и навестија дека на сите што веруваат во Него им се простуваат гревовите преку вера во Неговото име.“
Примањето на Светиот Дух и крштавањето на првите неевреи
44 Додека Петар зборуваше, Светиот Дух слезе врз сите што ја слушаа пораката. 45 Христијаните од еврејско потекло, кои го придружуваа Петар, се изненадија кога видоа дека Светиот Дух и духовните дарби им беа дадени и на луѓе што не се Евреи. 46 Тука, пред нивни очи, ги слушаа како зборуваат на туѓи јазици и Го прославуваат Бога.
Тогаш Петар рече. 47 „Може ли некој да не им дозволи на овие луѓе да се крстат во вода, кога тие Го примија Светиот Дух исто како и ние!?“ 48 Така Петар им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив уште неколку дена.
37 А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! 38 Како што вели Светото Писмо[a]: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ 39 (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)
Поделба меѓу луѓето
40 Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк[b]!“
41 Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!? 42 Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град[c] на Давид?“ 43 Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус. 44 Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него.
Неверни верски водачи
45 Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“
46 „Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите.
47 Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие? 48 Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!? 49 Но овој проклет[d] народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“
50 Меѓу фарисеите беше и Никодим[e], кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече: 51 „Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“
52 Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк[f] нема да дојде од Галилеја!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest