Book of Common Prayer
17 Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата, 18 прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар.
19 Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи. 20 Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“
21 Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“
22 Тие му одговорија: „Не испрати офицерот Корнелиј. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“ 23 Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа.
24 Следниот ден стигнаа во Цезареја. Таму го чекаше Корнелиј, кој ги беше викнал своите роднини и блиски пријатели. 25 Кога Петар влегуваше, Корнелиј клекна пред него, искажувајќи му така длабока почит. 26 Петар го крена и му рече: „Стани! И јас сум само човек, како што си и ти.“ 27 Корнелиј стана, а Петар почна да му зборува. Кога влегоа внатре, Петар виде голем број собрани луѓе.
28 Тогаш Петар им рече: „Вие знаете дека е спротивно на еврејските закони да се дружам со неевреи и да доаѓам кај нив. Но Бог ми покажа дека никого не треба да го сметам за гнасен и нечист. 29 Затоа, без да се противам, се одѕвав на вашата покана. А сега да ве прашам: Зошто ме повикавте?“
30 Корнелиј му одговори: „Пред четири дена, во три часот попладне, се молев во својата куќа, кога одненадеж пред мене застана еден човек во блескава облека, 31 и ми рече: ,Корнелиј, Бог ги услиши твоите молитви и си спомна за твојата дарежливост спрема сиромашните. 32 Испрати гласници во Јопа да го повикаат човекот што го викаат Петар, кој престојува во куќата на кожарот Симон, близу до морскиот брег!‘ 33 Затоа веднаш испратив по тебе и ти добро направи што дојде. Еве не сега сите собрани овде пред Бог, за да слушнеме што се ти е доверено од Господ.“
14 Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. 15 Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал[a]!?“
16 Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. 17 Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. 18 Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“
20 „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“
21 Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! 22 Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. 23 Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив[b] човек во сабота!? 24 Не судете површно, туку судете справедливо!“
Дали Исус е Месијата?
25 Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? 26 А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? 27 Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“
28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:
„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[c] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
Потера за апсење на Исус
32 Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари[d] за да Го уапсат Исуса.
33 Но Исус им рече:
„Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. 34 Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“
35 Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг:
„Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? 36 Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest