Book of Common Prayer
Делата на Петар во градовите Лида и Јопа
32 Посетувајќи ги христијаните, апостол Павле патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. 33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. 34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! 35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.
36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита[a], што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. 37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. 38 Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.
39 Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.
40 Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. 41 Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.
42 Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. 43 А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.
60 Кога го слушнаа тоа, голем број од следбениците на Исус рекоа: „Тешко е ова учење; кој може да го слуша!?“
61 Свесен дека Неговите ученици мрморат за тоа, Исус им рече: „Зар ова ве натера да потклекнете!? 62 А што, ако Ме видите Мене, Синот Човечки, како се искачувам на небото, каде што бев порано!? 63 Духот е Тој што дава живот, а не човечкото тело. Зборовите што ви ги кажав се од тој животодавен Дух[a]. 64 Но меѓу вас има некои што не веруваат.“ Исус го рече ова, зашто од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој ќе Го предаде. 65 Потоа им рече: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, ако тоа не му е овозможено од небесниот Татко.“
66 Од тој момент многумина од Неговите ученици Го напуштија и престанаа да одат со Него.
67 Тогаш Исус им рече на Дванаесеттемина: „Ако сакате, можете и вие да си заминете“.
68 Симон Петар Му одговори: „Господе, кај кого да одиме? Твоите зборови носат вечен живот! 69 Ние веруваме во Твоите зборови и знаеме дека Ти си Светецот, Кој ни дојде од Бога.“
Невера меѓу Своите родени браќа
70 Исус, пак, им одговори: Нели Јас ве избрав вас дванаесеттемина? Па сепак, еден од вас е ѓавол.“ 71 Тоа го рече за Јуда, синот на Симон Искариот, еден од дванаесеттемина, кој имаше намера да Го предаде.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest