Book of Common Prayer
Доаѓањето на Светиот Дух
2 Кога дојде празникот Духовден[a], сите христијани се собраа на едно место. 2 Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. 3 Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. 4 Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни[b] јазици, како што им даваше способност Светиот Дух.
5 Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. 6 Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик!
7 Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? 8 Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? 9 Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија[c], 10 во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим 11 (Евреи и прозелити[d]), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ 12 Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ 13 Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“
Петар им се обраќа на насобраните
14 Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: 15 Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет[e] часот наутро. 16 Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:
17 ,Во последните денови‘ - вели Бог -
,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе,
па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,
момчињата ќе имаат виденија,
а старците ќе сонуваат соништа.
18 Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух
врз сите Мои слуги и слугинки,
и тие ќе пророкуваат.
19 Ќе правам чуда горе на небесата
и видливи докази долу на Земјата -
крв и оган и столбови од чад.
20 Сонцето ќе поцрни,
а Месечината ќе се вцрви како крв,
пред да дојде тој голем и славен Господов ден.
21 Тогаш секој што ќе го повика името Господово
ќе биде спасен[f].‘
Исусовото воскресение: пораката на ангелот
(Мк. 16:1-8; Лк. 24:1-12; Јвн. 20:1-10) 28 Кога измина саботата, во раните мугри на неделата, Марија Магдалена и другата Марија дојдоа да го посетат гробот. 2 Одненадеж почвата силно се затресе; ангел Господов слезе од небото, го тргна каменот со кој беше затворена гробницата и седна врз него. 3 Лицето му светеше како молскавица, а облеката му беше бела како снег. 4 Стражарите толку се исплашија, што како мртви испопаѓаа по земјата.
5 Ангелот им се обрати на жените: „Не плашете се! Знам дека Го барате распнатиот Исус. 6 Не е тука; воскресна, како што однапред ви беше рекол! Влезете и погледнете го местото каде што беше положено Неговото тело. 7 Одете брзо и кажете им на Неговите ученици дека Тој воскресна од мртвите и дека е на пат кон Галилеја. Појдете таму и ќе Го видите. Еве, дојдов да ви го кажам тоа.“
8 Со измешани чувства на страв и радост жените веднаш ја напуштија гробницата и со трчање се упатија кон Исусовите ученици да ги известат за ова.
Исус им се јавува на двете Марии
9 Одеднаш, ги пресретна Исус и ги поздрави: „Здраво!“ Тие Му пријдоа, ги прегрнаа Неговите нозе и Му се поклонија. 10 Тогаш Исус им рече: „Не плашете се! Одете и јавете им на Моите браќа[a] да појдат во Галилеја; таму ќе се видиме!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest