Book of Common Prayer
Павле пред собранието
30 Следниот ден, сакајќи да дознае за што ќе го обвинат Евреите, полковникот го ослободи Павле од прангите и нареди да се соберат Првосвештениците и сите членови на еврејското собрание[a], па го доведе Павле и им го предаде на сослушување.
23 Со вперен поглед кон членовите на собранието, Павле им рече: „Браќа, мојата совест пред Бога е чиста!“
2 Тогаш Првосвештеникот Ананија им нареди на оние што стоеја покрај Павле да го удрат по устата. 3 Павле му одговори: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Си седнал да ме судиш според законот, а наредуваш да ме удираат, спротивно на законот!“
4 Оние што стоеја до Павле му рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот Првосвештеник!?“
5 Тогаш Павле им се извини: „Не знаев, браќа, дека тој е Првосвештеник, зашто во Светото Писмо пишува: ,Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ[b]!‘“
6 Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи[c], а дел се фарисеи[d], гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскресение од мртвите!“
7 Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба. 8 Садукеите тврдеа дека нема ни воскресение, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова. 9 Настана голема викотница. Неколку вероучители од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Можеби навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!“
10 Расправијата стануваше се пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина.
11 Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“
Исцелување на парализиран човек
Првите негодувања против Исус
(Мт. 9:1-8; Лк. 5:17-26) 2 По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома. 2 Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака.
3 Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус. 4 Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек.
5 Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“
6 Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат: 7 „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог[a]! Кој може да простува гревови освен Бог!?“
8 Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли? 9 Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома? 10 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот: 11 „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
12 Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest