Book of Common Prayer
9 Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро[a]. 10 Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите. 11 Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух.
12 Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. 13 Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви.
14 Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги. 15 Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. 16 Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете[b]!
17 Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. 18 Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе. 19 Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели:
„Одмаздувањето е Моја работа.
Јас ќе возвратам[c]!“
20 А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели:
„Ако твојот непријател е гладен, нахрани го,
ако е жеден, дај му да пие.
Така ќе го засрамиш,
како со вжарени гламни
да си му ја посипал главата[d].“
21 Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.
Пасхалната вечера: предавникот е посочен
(Мк. 14:12-21; Лк. 22:7-13; Јвн. 13:21-30) 17 На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“ 18 Исус им рече да отидат во градот и на извесен човек да му кажат вака: „Нашиот Учител вели: ,Дојде Моето време. Сакам да ја одржам пасхалната вечера, заедно со Моите ученици, овде, во твојот дом‘.“ 19 Учениците постапија онака како што им заповеда Исус и таму ја приготвија пасхалната вечера.
20 Вечерта Исус седеше на трпезата заедно со дванаесеттемина. 21 Додека вечераа, Исус им рече: „Еден од вас навистина ќе Ме предаде!“ 22 Оваа изјава ги нажали учениците и еден по еден почнаа да Го прашуваат: „Да не сум јас, Господе?“
23 Исус им одговори: „Еден од вас, што јаде од иста чинија со Мене, ќе Ме предаде. 24 Навистина, Јас, Синот Човечки, морам да умрам, како што е претскажано во Светото Писмо; но тешко си му на тој човек што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! Подобро ќе му беше ако воопшто не се родеше!“
25 Тогаш Јуда Го праша: „Учителе, да не сум јас?“ Исус му одговори: „Самиот си кажа!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest