Book of Common Prayer
Свет и богоугоден живот
12 Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите. 2 Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено.
3 Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал. 4 Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога, 5 така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг.
6 Бидејќи Бог ни беше благонаклонет, на секој од нас му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува согласно со верата што ја има. 7 Ако е некој надарен да служи, нека служи; ако е надарен да поучува, нека поучува; 8 ако е надарен да ги охрабрува луѓето, нека го прави тоа. Ако е некој дарежлив, нека дава штедро. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост.
Заговор против Исус
(Мк. 14:1-2; Лк. 22:1-2; Јвн. 11:45-53) 26 Завршувајќи со сите овие поуки, Исус им рече на Своите ученици: 2 „Како што знаете, по два дена настапува празникот Пасха. Тогаш Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат и ќе Ме распнат на крст.“
3 Во тоа време, во резиденцијата на Првосвештеникот Кајафа се одржуваше состанок на свештеничките поглавари и народните старешини. 4 Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат. 5 „Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ - заклучија тие.
Помазанието на Исус во Бетанија
(Мк. 14:3-9; Јвн. 12:1-8)
6 Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра, 7 кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза. 8 На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи: 9 „Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“ 10 Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене. 11 Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате. 12 Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб. 13 Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“
Јуда подготвува предавство
(Мк. 14:10-11; Лк. 23:3-6) 14 Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече: 15 „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници. 16 Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest