Book of Common Prayer
Не се отфрлени сите Израелци
11 Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин. 2 Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи:
3 „Господе! Тие ги убија Твоите пророци,
ги разурнаа Твоите жртвеници!
Само јас останав,
а и мене ме бараат за да ме убијат[a]!“
4 Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал[b]!“
5 Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има[c] верни, избрани по Божја милост. 6 Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок!
7 Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни, 8 За нив во Светото Писмо е напишано:
„Бог ги препушти на нивното мртвило:
очите да не им гледаат,
ушите да не им слушаат,
и такви се се до ден денешен[d].“
9 За истата работа зборува и Давид, кога вели:
„Нивната трпеза во замка да им се претвори,
мрежа во која ќе се уловат,
казна што ја заслужуваат!
10 Очите нека им се помрачат, за да не гледаат
и довека грбави да одат[e]!“
Непослушноста на Израелците
- можност за другите народи 11 Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. 12 Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!?
Споредба на Небесното царство со десет девојки
25 „Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот. 2 Петте од нив биле глупави, а другите пет - мудри. 3 Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење. 4 Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење.
5 Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале.
6 На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘ 7 Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби. 8 Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘ 9 Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘
10 Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена. 11 Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘ 12 А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“
13 „Затоа“ - заклучи Исус - „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest